Византолошките студии во својата концептуална поставеност се дизајнирани за сеопфатно проучување, што меѓу другото, подразбира надминување на националните и географските бариери кои сè уште се присутни во балканскиот академски контекст при дефинирањето и интерпретацијата на Византија и византиското наследство. Студиите ги следат најновите тенденции за дистанцирање од востановените негативни стереотипи за Византија и за Балканот, манифестирани преку критичниот приод кон апликацијата на термините „византинизам“ и „балканизам“. Студиите нудат перспективно истражување на Византија како интегрален дел од европската цивилизација и култура, ослободени од националните и географските ограничувања, како и од политичките и културолошките поделби. На овој начин, византиските студии не претставуваат изучување на Византија како изолиран ентитет, сепариран долж политичко-идеолошката оска исток-запад, туку ја разбираат како комплексна и сеопфатна политичко-културна сфера, која била во континуирана интеракција поденакво со западното христијанство и со христијанско-исламскиот ориент.
Комплексот знаења и практики обединет во византолошките студии е фокусиран кон интердисциплинарно истражување на спецификите на византискиот свет, кој како круцијален транзициски линк помеѓу античкиот и модерниот свет, во голема мера ги детерминирал политичките и културните процеси на Балканот, источна Европа, како и христијанско-исламскиот ориент. Предметите во рамките на византолошките студии опфаќаат продлабочено изучување на политичките, историските, културните, философските, социјалните, религиските и визуелните аспекти на еволуирачкиот византиски свет, кој ги надминал културните, географските и хронолошките граници на сопствената егзистенција. Комплексноста на програмата подразбира изучување на Византија како политичка и културна сфера, која претставувала своевиден извор и понуда на широк спектар на политички, културни и естетски модели.
Предавањата ги интегрираат и прашањата кои произлегуваат од поимањето и интерпретација на Византија како културно-историски феномен, што ја вклучува и апропријацијата на византиското наследство во европската културна историја и во концептуализацијата на европската цивилизација. Студиите обезбедуваат широка перспектива и изучување на Византија како милениумски доминантен гео-политички фактор на Балканот и Источниот Медитеран, што го вклучува и проучувањето на византиското наследство на Балканот и Европа од современ контекст.
Во рамките на студиската програма, свои модули ќе понудат: проф. д-р Митко Б. Панов, доц. д-р Софија Грандаковска, проф. д-р Панче Велков, проф. д-р Весна Матијашевиќ Покупец, проф. д-р Дона Колар – Панов, MPhil Метју Џонатан Саф, проф. д-р Елизабета Димитрова, проф. д-р Јане Коџобашија, проф. д-р Маја Ангеловска – Панова, доц. д-р Марија Чичева – Алексиќ и други.
Програмата и описот на модулите за студиската програма Византолошки студии можете да ги видите овде
Листа на модули овде