ЦЕНТАР ЗА БАЛКАНСКИ ЈАЗИЦИ

Центарот за балкански јазици е иновативен центар за изучување на јазиците преку интерактивна настава. Oснован e во 2012 година во рамките на Универзитетот „Евро-Балкан“  и го поддржува изучувањето на јазиците во текот на целото образование. Идејата за неговото основање произлегува од барањата и од потребите на современите образовни трендови, во кои познавањето на јазиците претставува неопходност и предуслов за постојан напредок и усовршување. Во таа смисла, Универзитетот „Евро-Балкан“, како високообразовна институција која промовира модерен пристап во наставата, го поттикнува изучувањето на странските јазици како од страна на студентите така и од страна на академскиот кадар како суштински елемент на академското образование кој го гарантира квалитетот на наставата во рамките на сите студиски програми. Исто така, настојувајќи да бидеме достапни за студентите од странство кои се одлучуваат да го продолжат своето образование токму на нашиот Универзитет, организираме интензивна и квалитетна настава за изучување на македонскиот јазик како странски.

Кои јазици се изучуваат во Центарот?
Во рамките на Центарот за балкански јазици при Универзитетот „Евро-Балкан“ можат да се изучуваат следните јазици:
– македонски јазик за странци,
– англиски јазик,
– албански јазик,
– грчки јазик,
– турски јазик и
– српски јазик,
и тоа од почетно до напредно ниво.

За кого се наменети курсевите?
Нашите курсеви се наменети за академските потреби на студентите и на кадарот од сите студиски програми на Универзитетот „Евро-Балкан“, но и за сите заинтересирани студенти од други универзитети.

Организација и траење на курсевите
• Интензивните курсеви за учење на македонскиот јазик како странски траат 4 месеци – од 15 февруари до 15 јули.
• Часовите се одржуваат четири пати неделно, при што се предвидени по четири часа дневно со вкупно траење од 180 минути; неделниот фонд изнесува 16 часа, а месечниот 64 часа.
• Целиот курс опфаќа вкупно 256 часа настава.
• Интензитетот на дополнителната настава се определува во зависност од потребите и од барањата на заинтересираните слушатели.
• Изучувањето на другите јазиците е организирано во рамките на наставата по одделните студиски програми што се нудат на Универзитетот. Тие се одржуваат двапати неделно со траење од 90 минути. Во зависност од потребите, пред започнувањето на наставата се предвидува тестирање за да се определи степенот на познавање на јазикот од страна на слушателите што претходно го учеле тој јазик.
• Наставата се одвива во современо опремени училиници, со користење разновиден аудио- и видеоматеријал и соодветни прирачниците и едукативни помагала, како и со примена на најнови технологии и методи за изучување на македонскиот јазик како странски и на другите јазици.

Цел и содржина на курсевите
Центарот за балкански јазици како приоритетни ги изделува следниве цели:
• обезбедување квалитетна и осмислена програма за успешно и брзо совладување на македонскиот јазик од страна на студентите од странство за да можат непречено и активно да ја следат редовната настава на студиската програма што ја одбрале;
• обезбедување пристап и поддршка за учење на јазиците за сите членови на Универзитетот, но и за други заинтересирани слушатели;
• обезбедување дополнителна настава според потребите и барањата на слушателите.

По завршувањето на курсот, студентите кои го изучуваат македонскиот јазик како странски треба да ги стекнат следниве вештини и знаења:
•солидно користење на јазичните структури, на граматичките правила и на лексиката;
•оспособување за остварување комуниција во вообичаени ситуации, како и во рамките на академската средина;
•совладување на вештината на слушање и на зборување, со цел да се разберат и непречено да се следат предавањата;
•совладување на техниката на читање и на разбирање текстови со различна содржина, како и на стручна литература;
•развивање на вештината за пишување и фаќање белешки во текот на предавањата;
•оспособување за пишување есеи, програмски задачи, интерпретација на дадени прашања и сл.
•оспособување за учество во дискусии и презентирање различни материјали од определена област.

Зошто да го одберете Центарот за странски јазици на Универзитетот „Евро-Балкан“?
Центарот располага со висококвалификуван и компетентен кадар. Професорите имаат големо искуство во областа на изучувањето на јазиците, а наставата се изведува според најсовремените методи и техники со цел не само да се изучува јазикот туку на тој начин и да се доближи и да се запознае дадената култура. Посветеноста и оспособеноста на кадарот, како и неговата отвореност за соработка гарантира лесно, успешно и брзо совладување на програмските содржини од страна на слушателите и стекнување применливи и конкретни знаења и вештини.
Исто така, Центарот располага со современо опремени училиници и со богата библиотека која слушателите можат слободно да ја користат.

тел.  02 3075 570


Copyright © 2010 EvroBalkan