Секторот за научно-истражувачка дејност внесува дополнителна димензија во севкупниот идентитет на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, димензија на тинк-тенк и институт за развој на применети политики. Иако со своите активности делумно се одвојува од Школата за регионални студии (како своевиден носечки оддел на „Евро-Балкан), излегувајќи од чисто академската сфера во насока на истражување, анализа и развој на применети политики (па дури и чекор понатаму, кон социјален активизам), базичните постулати на Одделението за развој на политики се сепак тесно поврзани со работата на овој оддел на „Евро-Балкан“. Имено, од методолошка и епистемолошка гледна точка, активностите на Одделението за развој на политики се целосно засновани врз основите создадени во рамките на Школата за регионални студии. Покрај својата истородна методолошка и епистемолошка заснованост, Одделението за развој на политики и Школата за развој на политики ги споделуваат и визијата и мисијата иманентни за Институтот „Евро-Балкан“ од неговото основање до денес – ширењето и имплементацијата на идеите и политиките на Европската унија, промоцијата на трансатлантската соработка и меѓузависност, како и регионалната интеграција и еманација на автентичниот европски идентитет на Балканот. На тој начин, активностите на Одделот за развој на политики се надополнуваат со активностите на Школата за регионални студии и останатите организациони единици на Институтот „Евро-Балкан“, во насока на остварување на заедничката цел – надминување на главно пежоративното значење на терминот „Балкан“ и промоција на балканските идентитети како интегрален дел од заедничкиот европски идентитет. 

Copyright © 2010 EvroBalkan